Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Орелјан Чуамени (24) ќе биде новиот капитен на француската фудбалска репрезентација на натпреварот против Израел во Лигата на нации.
Откако капитенот на Франција, Килјан Мбапе отпадна за утрешниот натпревар, селекторот Дидје Дешам мораше да бара ново, привремено решение.
Претходните замени на Мбапе, Антоан Гризман и Оливје Жиру се простија од дресот на Франција, па Дешам се одлучи за Чуамени.
Француските медиуми пренесуваат дека за таа чест конкурирале и дефанзивецот Жил Кунде и голманот Мајк Мењон.
„Го избрав Орелјен бидејќи верувам дека тој ги има потребните квалитети за да ја преземе оваа одговорност со оглед на неговото искуство и карактер“, изјави Дешам.
Францускиот стратег ги прокоментира и медиумските напади врз Мбапе, кој нема да учествува на натпреварите во Будимпешта и Брисел, а настапуваше за Реал Мадрид.
„Тој одигра натпревар минатиот викенд без да биде на 100%. Дали е тоа добро за играчот и за францускиот тим? Мислам дека не“, рече Дешам.