Живот

Девојче со посебни потреби приморано на психијатриска проценка поради спорен закон во Флорида

17. февруари 2020 - 14:15 | А.С.

Мајката на шестгодишно девојче со посебни потреби бара одговори и одговорност од службите и властите откако ќерка ѝ била однесена во психијатриска установа на проценка бидејќи „се однесувала неконтролирано на училиште“.

Надиа Кинг била против нејзина војла и без дозвола од мајката, извадена од настава во основното училиште Love Grove Elementary School во Џексонвил, Флорида и однесена на психијатриска проценка на барање на училишната управа која се повикува на Бејкеровиот закон што важи во оваа сојузна држава.

Според Бејкеровиот закон, блиски лица може да пријават малолетно или полнолетно лице за 48-часовно набљудување и психијатриска проценка ако постои сомневање дека претставува „опасност за себе и за другите“.

Училишната управа вели дека девојчето имало „неконтролиран напад“ за време на час, но мајката тврди дека во училиштето знаеле дека Надиа има ADHD и дека ѝ било кажано дека располагаат со соодветен стручен кадар за ученици со посебни потреби.

Мајката Мартина Фолк вели дека девојчето е истрауматизирано од целиот инцидент, дека било ставено под седативи за време на престојот во псијихатриската установа и дека носењето во психијатриска установа, каде не можела да биде со неа 48 часа, направиле „повеќе штета отколку добро“.

На Надиа ѝ било дијагностицирано пореметувањето ADHD (attention deficit hyperactivity disorder) во 2017 година и се чекаат резултати од тестирањата за да се утврди дали е во спектарот на аутизам.

Фолк и нејзиниот адвокат тврдат дека биле нарушени човековите и граѓанските права на Надиа.

„Поради нејзината состојба, отежната ѝ е комуникацијата. Може да ви каже само делчиња. Мамо, ја заклучија вратата. Не ме пуштаа да излезам. Мамо, ми ставија инјекција“, низ солзи раскажува Фолк.

Според снимката од камерите што полицајците во Флорида задолжително ги носат кога се на должност, Надиа била смирена кога жена полицаец дошла по неа.

Полицајците кои одговориле на повикот на училишната служба сметаат дека Надиа била пријавена само бидејќи тие не знаеле како да се справат со неа.

Фолк настојува дека не ѝ се јавиле пред да го применат Бејкеровиот закон и да ја однесат ќерка ѝ во психијатриска установа. Целиот случај ја отвори одново дискусијата околу спорноста на Бејкеровиот закон и колку истиот се злоупотребува повеќе отколку што користи.

Според адвокатот на семејството на Надиа, девојчето веќе нема да учи во тоа училиште, а мајка ѝ покрај тоа што очекува извинување, палнира да поднесе и граѓанска тужба против училиштето.

Коментирај