Свет

Девојчиња избегале од градинка во Сибир на минус 45 степени

23. јануари 2019 - 10:51 | МИА
Јакутск, 23 јануари 2019 (МИА) – Две петгодишни девојчиња незабележано избегале од градинка во Сибир на температура од минус 45 степени Целзиусови затоа што сакале да одат дома и да ги изненадат родителите.

Девојчињата биле пронајдени, но се здобиле со смрзнатини и паднале во состојба на хипотермија. Тоа бил еден од најстудените денови во регионот, пренесува BBC.

Безбедносните камери го снимиле моментот кога девојчињата излегуваат од градинката и на снимката се гледа дека едното од нив носи играчка, а другата немала ракавици.

Едно од девојчињата, Лена, моментално е во болница во Јакутск и има смрзнатини на три прсти, јавија локалните медиуми. Нејзината мајка Евдокија Кутукова забележала дека ќерка и исчезнала во селото Нанци кога дошла по неа во градинка и видела дека и ја нема јакната. Таа веднаш пријавила и набргу било утврдено дека во градинката не е ниту најдобрата другарка на Лена чие име не е објавено. Кутукова информира дека потоа и се јавил дедото и рекол дека Лена само што стигнала дома, сама, расплакана и смрзната. Нејзиниот сопруг навел дека некој непознат човек на Лена и дал шал кој многу и помогнал.

Другото девојче се загубило на патот до дома и било пронајдено еден час подоцна. Таа била во состојба на хипотермија, но откако ја прегледале лекарите ја пуштиле дома.

Покрената е истрага во врска со случајот. 

Коментирај