Играчот кој го размрда трансфер пазарот на Чизмата летоска проговори за проблемите што ги имал во Јувентус и зошто инсистирал на заминување. Воедно, откри и како е да се работи под палката на Мурињо.

„Последните неколку години во Јувентус не беа лесни, променава ми годи. Кога ми се јави Мурињо донесов одлука за само неколку минути. Тој заедно со клупскиот директор ми кажаа за проектот и за желбата да продолжат да победуваат како што направија лани. Да се биде протагонист во таков тим, многу ми помага. Пречекот од навивачите? Беше необично. Кога излегуваш на терен таму си со соиграчите, а јас бев сам. Никогаш претходно ми се немаше случено такво нешто“, раскажува Дибала за ESPN Argentina.
„Навивачите на Рома се слични како оние во Аргентина, кога е во прашање страста. Различни се од оние на Јувентус, повеќе наликуваат на аргентинските. Имаат преубаво лудило, ја чувствувам таа наклонетост. За нив Рома доаѓа пред семејството. Тие го живеат фудбалот како што го живееме и ние (се мисли на Аргентинците, заб. на прев.)“
Дубала откри и интересен момент што го имал со Жозе Мурињо за време на неговата последна сезона во Јуве.
„Во Рим со Јуве водевме 4:3 и тренерот ме изваде. Мурињо дојде до клупата за да ме поздрави и рече: 'Ти си феномен'. Таа случка ми остана в глава, но тогаш не можев да знам што ќе се случеше со обновувањето на договорот со Јувентус“.
„Кога прв пат ми се јаи ме праша дали го помнам тој момент. Јас реков: 'Да, се разбира, како би го заборавил? Ми беше чест'. Тогаш ми рече: 'Епа, сега треба да играш за мене'. Потоа ми се јави и наредните денови и одлуката беше лесна“.
„Работењето со него е лесно. Со него зборувам за сѐ, тој ги знае сите играчи, од елитата до третиот ешалон. Има група на луѓе кои работат одлично. Она што најмногу ме изненади кај Мурињо е неговата понизност, тој сите ги третира еднакво. Понекогаш може да даде поинаква слика од она што го гледате на терен. Потоа ја видов и неговата глад... Многу сум среќен во Рома, а кога си среќен - лесно е сѐ“, заврши Дибала кој сега е со репрезентацијата на Аргентина која се наоѓа на подготовски во САД каде има закажано пријателски натпревари против Хондурас Во Мајами и Јамајка во Харисон.