Деталите од судењето за клевета на Џони Деп и Амбер Херд продолжуваат да ја интригираат јавноста. Сега сведочеше и експерт за дигитална форензика, кој изнесе интересни тврдења за модринките на Херд.
Научникот за дигитална форензика Брајан Немајстер на судењето рече дека модринките на Херд на фотографиите прикачени на судот биле „модифицирани“.
Кога адвокатот на Деп го прашал за мислење за фотографиите на кои се гледа Херд со модринки, Немајстер одговорил: „Нема начин ниту еден форензички експерт да потврди некоја од овие фотографии. Го наведувам фактот дека тие се модифицирани“, рече тој.
Зборувајќи за првата фотографија прикажана на судењето, Немајстер објасни дека има „многу нејзини верзии на фотографијата“, пренесува Metro.co.uk.
„Постојат десетици различни верзии - некои со различни големини на датотеки, различни физички големини, а некои поминале низ софтверски програми за уредување фотографии“, рече тој.
На судот му беа покажани три различни верзии на фотографијата, а Немајстер одговори: „Сите три од овие фотографии мораа да поминат низ некаква трансформација за да ја променат нивната големина“, рече тој.
Инаку, до судот беа приложени десетици докази, меѓу кои и споменатите фотографии. Претходно Херд упати сериозни обвинувања против Деп, меѓу другото спомнувајќи и дека сексуално ја нападнал и ја раскрвавил усната и ја удирал по лицето.
Таа изјавила и дека модринките ги покривала со шминка, поточно онаа на брендот Milani Cosmetics, од каде подоцна одговорија дека во тоа време го немале производот со кој Херд тврдела дека ги покривала модринките.