Теренската проверка на податоците на 89.338 гласачи, за кои постојат несоодветни записи во избирачкиот список и другите дата бази од државните институции, се врши со 488 анкетари во 80 општини во земјава.
Првиот ден од теренската проверка помина без посериозни проблеми и се очекува дека проверката ќе заврши до 3 април, информираат од Државната изборна комисија.
На почетокот ДИК информираше дека ќе бидат ангажирани 374 анкетари, но ангажирани се дополнителни 114.
Анкетите се вршат секој ден од 8.30 до 19.30 часот. Анкетарот треба да зборува лично со лицето чии податоци треба да се проверат, а ако тоа лице не е присутно, тогаш треба да се направи разговор со присутен член од семејството. Ако во домот нема никој или лицето не е во состојба да даде податоци, тогаш анкетарот има задолжение да дојде друг ден. Ако и тогаш нема никој тогаш се доставува известување и тоа лице е должно во рок 3 дена да се пријави во подрачната единица на ДИК. Кога се работи за јавен објект или објект што не постои, анкетарот тоа треба да го наведе во извештајот.
Осумдесет контролори ќе ги контролираат прашалниците од анкетарите.