Македонија

Димитров: Системот со сите маани почнува да се бори со криминалот

16. јули 2019 - 9:39 | МИА
Скопје, 16 јули 2019 (МИА) – „Системот со сите маани почнува да се бори со криминалот без разлика од каде доаѓа“, порача вчера шефот на дипломатијата Никола Димитров, по вчерашното приведување и притворање на Бојан Јовановски и Зоран Милевски, кои се осомничени за изнудување пари.

-Никој не рече дека ќе биде лесно. Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: „Ти кажав, не бива од нас држава”. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа, порача Димитров на Facebook.

Нагласи дека верува во иднината на државата и дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши.

-Дека ќе нè биде и покрај сè и заради сè. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе нè биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите, нагласи тој.

Додаде дека сите граѓани треба да работат на подобрување на состојбата во земјава.

-Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе нè биде народе, тогаш кога секој во своето ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не нè биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега. Ќе нè биде и точка!, додаде Димитров. 

Коментирај