Авто новости

„Дизелгејт“ и во Mercedes - Како се лажираат тестирања?

20. февруари 2018 - 8:42 | А.С.

Американските инспектори наводно нашле нелегален софтвер во дизел моторите на германскиот автопроизводител Daimler, кој е сопственик на брендот Mercedes-Benz. Овој софтвер и помогнал на компанијата да ги помине тестовите за нивото на испуштање штетни издувни гасови.

Од 2015 година, дизел моторите на сите производители се ставени под посебна лупа, пред се во САД, откако беше потврдено дека германски Volkswagen инсталирал таен софтвер во повеќе од половина од своите возила во Америка, со чија помош ги помина тестирањата иако моторите испуштале 40 пати повеќе штетни гасови од дозволената граница.

Инспекторите наводно нашле софтверска функција наречена Slipguard што препознава дали автомобилот бил тестиран во лабораторија.

Германскиот неделник „Bild am Sonntag“ објави дека американските инспектори ја откриле и функцијата „Bit 15“ што го исклучува прочистувањето на штетните гасови по 26 километри возење.

Софтверските апликации помагаат во намалување или регулирање на системот за AdBlue течност што помага во елиминирањето на штетните издувни гасови. Нивната употреба значи дека дизел моторите на Mercedes емитуваат и до десет пати повеќе штетни гасови над дозволената количина.

„Bild“ објави и пораки од е-поштата на инженери на Daimler кои се сомневаат во легалноста на овие софтверски функции.

Daimler би можел да се соочи со жестока кана (аферата „Дизелгејт“ досега го чинеше VW 30 милијарди долари) и ќе мора да повлече голем број возила ако бидат утврдени неправилности во истрагите на американските и на германските служби.

Претставник на Daimler одби да ги коментира овие информации и истакна дека германскиот гигант во целост ќе соработува со американските власти и дека се согласил на целосна дискреција со Министерството за правда.

Коментирај