Филм & ТВ

Доаѓа нов филм за Вили Вонка од режисерот на „Paddington“

13. февруари 2018 - 13:21 | К.З.

Филмското студио Warner Bros. од поодамна пробува да го врати сјајот на Вили Вонка, по разочарувачкиот римејк со Џони Деп во главната улога. Изгледа дека конечно не само што решија да го реализираат овој проект, туку го најдоа и вистинскиот режисер за работата.

Режисерот на еден од најдобро оценетите филмови на сите времиња, „Paddington 2“, се очекува да седне на режисерското столче на новиот проект базиран на книгата на Роалд Дал.

Според Hollywood Reporter, режисерот Пол Кинг („Paddington 2“) ќе го режира новиот филм за Вили Вонка, додека сценариото ќе го пишува Сајмон Рич, познат по тоа што го напиша сценариото за анимираниот хит „Inside Out“. Продуцент на филмот ќе биде Дејвид Хејман, кој соработуваше со Кинг на „Paddington 2“, а претходно работеше на филмовите од франшизата „Harry Potter“.

Ликот на Вили Вонка беше креиран во 1964 година, кога излезе книгата „Charlie and the Chocolate Factory“, напишана од Роалд Дал. Секако, поради големиот интерес за книгата, таа во 1971 година беше претворена во филм со Џин Вајлдер во главната улога.

Потоа следуваше долг процес на размислување што е следно за оваа потенцијална филмска франшиза, која Warner Bros. сакаше да ја претвори во филмски хит за младата публика. Затоа, во 2005 година беше направен римејк на филмот, со Џони Деп во главната улога, но може да се каже со сигурност дека тој не помина според очекувањата. Напротив, беше комплетно разочарувачки, како од квалитативна смисла, така и од финансиска.

Но сега, со режисер и сценарист кои се веќе врзани за проектот, може да очекуваме Вили Вонка да си го обели образот пред публиката. Останува да видиме само кој ќе се појави во улогата на Вонка, и кој ќе го пронајде Златниот билет.

Коментирај