Регион

Додик: Ситуацијата во БиХ е најтешка од времето на Дејтонскиот договор

21. февруари 2020 - 19:32 | МИА

Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, денеска изјави дека сегашната состојба во земјата е една од најтешките и најделикатните од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година.

Додик по седницата на Извршниот комитет на СНСД рече дека неговата партија ќе го стави Законот за Уставен суд на Босна и Херцеговина во редовна парламентарна постапка, чија примарна цел е да ги разреши странските судии.

Тој информира дека во наредните денови ќе има разговори за предложениот закон со претставници на политичките партии во Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина.

– Треба да се зачува единството. Ова е една од натешките и најделикатните ситуации за Република Српска по Дејтон, рече Додик.

Според него, со последната одлука на Уставниот суд се задира во имотниот статус на Република Српска со цел, во догледно време, според неговата оценка, да се „почне со елиминација на Република Српска, на нејзиното име и суштина“.

Коментирај