Регион

Додик: Збогум БиХ, добредојде РС-егзит

17. февруари 2020 - 18:44 | МИА

„Goodbye BiH, welcome RS-exit“ (Збогум БиХ, добредојде РС-егзит), изјави денеска српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик на почетокот на обраќањето на специјалната седница на Националното собрание на Република Српска.

Тој нагласи дека Парламентот на Република Српска е клучното место за сите одлуки и дека само тој може да зборува во име на народот.

– Не смееме да се двоумиме да донесеме одлуки што се важни за нашата иднина. Овој пат, ние сме сериозни и нема да прифатиме какво било друго движење, рече Додик.

Тој потенцираше дека Република Српска и српскиот народ немаат никаква шанса во Босна и Херцеговина, затоа што „тие се сметаат за категорија што Сараево и Бошњаците не ја прифаќаат, што ја мразат и сакаат да ја уништат и дека бошњачките политичари се убедени дека дојде моментот за конечно соочување со српскиот народ“, пренесува РТРС.

Тој додаде дека нивното верување дека странците ќе ја спасат Босна и Херцеговина е наивно и дека Република Српска нема друго решение освен да се води од своите интереси.

Додик исто така рече дека денешната седница е свикана „затоа што српскиот народ бил измамен“.

– Тие се обидуваат да нè направат помалку вредни, бидејќи сметаат дека само тие знаат што е добро за нас. За Уставниот суд веќе сè е кажано. Овој пат судот отиде подалеку и си даде право да донесува одлуки и да префрлува имот на Босна и Херцеговина, што не ѝ припаѓа, рече Додик.

Тој оцени дека многумина на Западот мислат дека Република Српска не е способна и подготвена да се грижи сама за себе.

Додик им се заблагодари на лидерите на сите политички партии за посветената работа и подготвеноста да ја надминат нетрпеливоста во одбрана на интересите на Република Српска.

– Се гледаме за 60 дена, верувам дека ќе бидеме во она што го кажав на почетокот, истакна Додик.

Коментирај