Бизнис

Дојде и тој ден: Златото повеќе не е наjвредниот скапоцен метал во светот

5. декември 2018 - 16:08 | К.З.

Денеска и официјално беше потврдено дека златото повеќе не е најскапиот скапоцен метал во светот. Местото на врвот го зазема паладиумот, кој е сестрински метал на златото и најмногу се користи во автомобилската индустрија.

Паладиумот, заедно со златото и среброто, се смета како еден од племенитите метали и е во широка употреба во индустријата.

Според податоците од лондонската трговска берза, денеска конечно се случи долго очекуваното симнување од врвот на златото како најскап метал во светот. Паладиум денеска достигна цена од 1.252 долари за една унца, додека подеднаква количина од златото чини 1.251 долар.

„Снабдувањето со паладиум е многу ограничено, така што за ценовниот однос на паладиумот и златото е многу важно колку се слаби или силни понудите на овие два метали“, рече Чираг Сет, консултант на лондонскиот Metal Focus.

Достапните податоци велат дека во текот на минатата година од светските рудници беа извадени околу 208 тони паладиум.

Бидејќи Русија држи значаен дел од светскиот пазар на паладиум (околу 30-40% од глобалното производство), растот на цената на овој племенит метал е последица на трговските санкции кои САД ги изрече за оваа земја од источна Европа.

Освен во автомобилската индустрија, паладиумот се користи и во производството на накит, електроника, индустрија за градежни материјали, но и во медицината, каде од него се произведуваат забни пломби и опрема за хирургија.

Коментирај