На девизните пазари благо порасна вредноста на доларот во однос на кошничката на валути.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово се движи околу 104,30 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,20 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 157,95 на 158,55 јени.
Сепак, американската валута стагнира во однос на европската, па цената на еврото се движи околу 1,0895 долари, исто како и вчера во овој момент.
Цените на нафтата, од друга страна, паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се лизна за 0,26 отсто, на 84,65 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,33 отсто, на 81,65 долари.
На азиските пазари цените на акциите паднаа втор ден по ред во вторникот, бидејќи инвеститорите проценуваа како на Кина може да влијае победата на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, во 7 часот беше намален за 0,5 отсто, откако вчера се лизна за 0,3 отсто.
Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,25 отсто, а благо пораснаа и цените на акциите во Јужна Кореја. Во Шангај, Австралија и Хонгконг тие паднаа меѓу 0,2 и 1,4 отсто.
Кинеската берза е под најголем притисок бидејќи по неуспешниот обид за атентат на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, се зголемија неговите шанси за победа на претстојните избори.
А тоа може да значи и нов трговски конфликт меѓу Белата куќа и Пекинг, како што беше случајот во првиот мандат на Трамп.
„Зголемената можност Трамп да се врати во Белата куќа и да ги зголеми царините за кинеските производи не е добра за кинеските берзи. Заедно со посилниот долар и зголемените приноси на обврзниците, мислам дека на кинеските пазари им претстојат тешки времиња“, рече Тони Сајкамор, аналитичар во IG.
А можноста Трамп повторно да влезе во Белата куќа вчера позитивно се одрази на Волстрит. Индексот Dow Jones зајакна за 0,53 отсто, на рекордни 40.211 поени, додека S&P 500 порасна за 0,28 отсто, а Nasdaq за 0,40 отсто.
Аналитичарите велат дека пазарот се прилагодува на се поверојатниот втор претседателски мандат на Трамп, од кој првиот беше обележан со зголемување на царините за увозните производи, даночни намалувања, зајакнување на доларот и раст на јавниот долг и приносите на обврзниците.
Дополнително, новите ограничувања за мигрантите може да доведат до недостиг на работна сила, а со тоа и до зголемување на платите, па дури и до заживување на инфлацијата.
Исто така, треба да се очекува дека Трамп повторно ќе ги олабави ограничувањата во многу области, и оние поврзани со климатските промени и оние поврзани со трговијата со криптовалути.