Фудбал

Домингез: Кога ќе потрошиш 15.000 евра за журкање со другарите, свести се

12. јануари 2018 - 10:08 | А.С.

Поранешниот фудбалер на Атлетико Мадрид и Борусија Менхенгладбах Алваро Домингез, смета дека денешните фудбалери не се свесни колку пари имаат и поради тоа губат осет и немаат допир со реалноста.

Во интервју за шпанските медиуми тој си ја отвори душата и рече дека фудбалерите допрва почнуваат со животот откако ќе ја завршат кариерата, а додаде и дека проблемите се јавуваат ако луѓето се необразовани или ако семејството ги нема освестено за реалната ситуација.

„Кога професионален спортист ќе ја заврши кариерата, тој заминува од животот во кој не морало да се грижи дали нешто чини илјада евра помалку или повеќе, и влегува во живот во кој приливот на пари прекинува. За прв пат мора да се прават долгорочни планови и ако тој човек немал добро образование или ако семејството не го освестило, тогаш не е созреан за живот после играчките денови бидејќи е научен да троши сѐ до последен цент“, вели Домингез.

Покрај тоа, тој рече дека се занимава со недвижнини и дека не ја троши заштедата што ја заработил додека активно играл фудбал.

„Играчите имаат драстични промени кога на сметката ќе видат милион евра, бидејќи ако не се обраовани, многу им е тешко да ги контролираат парите. Подарете некому милион евра и тој ќе се однесува како фудбалери кои не знаат да ги ценат парите. На вечера одат со приватен авион и тоа се смета за нормално, на журкање со другарите троши 15.000 евра, а откако тоа ќе го направиш еднаш мораш да се свестиш и да сфатиш дека не живееш во реалноста. Проблемот се јавува кога ќе се изгуби допир со реалноста бидејќи потоа трошењето прераснува во правило. Додека активно играш не знаеш колку си заработил и не ти е гајле колку пари имаш на сметка. Лично, се трудам да живеам без она што го имам заштедено и да не го продавам она што сум го стекнал во животот. Работам со недвижнини и среќен сум“, заклучува Домингез.

Коментирај