Судењето меѓу Џони Деп и Амбер Херд продолжува, а секој ден судењето зазема сè полоши димензии.
По последните случувања кога Деп опиша еден од инцидентите со поранешната сопруга кога останал без дел од прст, но и признанието на Амбер дека физички го нападнала актерот, на суд се појави уште еден доказ.
Станува збор за шокантни СМС пораки кои Деп му ги испратил на својот пријател, актерот Пол Бетани, каде меѓу другото предлага да ја удават и запалат Херд.
Адвокатот на Херд, Бен Ротенборн, му го спомна Бетани на Деп, прашувајќи го дали е тој „добриот пријател со кој се дрогирале“. Актерот одговори дека тоа е „чудно прашање“, но ги потврди овие наводи.
Ротенборн потоа ги прочита пораките што Деп му ги праќал на Бетани додека сè уште бил во врска со актерката.
„Ајде да ја запалиме Амбер“, гласи една порака, а потоа се редат вознемирувачките содржини. „Ајде да ја удавиме пред да ја запалиме“, гласи содржината на друга.
Гнасните пораки се редат, а во една Деп напишал: „Потоа ќе го изедам нејзиниот изгорен труп за да се уверам дека е мртва“.
Деп, кој му се извини на судот за несоодветните зборови од пораките, потврди дека нивната содржина е вистинита и дека биле испратени пред парот да се венча, а извор близок до него тврди дека актерот всушност цитирал фраза од „Monthy Python“.
Во некои од другите пораки Деп признал дека психички „паднал“, дека бил насилен и дека пиел алкохол и пиел апчиња.
Судот прочита и пораки испратени на 17 јануари 2013 година, каде Деп ја нарекува Амбер „идиотска крава“, а потоа во 2015 година ја нарекол „валкана кучка“ во порака испратена до сестра ѝ.