Холивудскиот актер Џони Деп денеска почнува судска парница против британскиот таблоид The Sun на која се очекува да бидат откриени многу детали од неговиот приватен живот.

Ѕвездата од филмскиот серијал „Pirates of the Caribbean“ ги тужи The Sun и неговиот главен извршен уредник Ден Вотон за клевета во текст објавен во 2018 година. Во текстот стои дека Деп ја претепал поранешната сопруга Амбер Херд.
Предметот ќе го води Високиот суд во Лондон и се очекува парницата да трае три недели и да вклучи изјави од актерот и неговата поранешна сопруга.
Деп и Херд се запознаа во 2011 година на снимањето на филмот „The Rum Diary“ и се венчаа во февруари, 2015 година. Актерката поднесе барање за развод само 15 месеци подоцна и побара од судот да му изрече на Деп забрана за доближување. Херд го обвини Деп за физичко малтретирање, што актерот веднаш го негираше.
Се разведоа во 2017 година и тогаш беше укината мерката за забрана за доближување, а Деп се согласи да ѝ исплати на Херд 7 милиони долари.
The Sun минатата недела побара од судот отфрлање на тужбата за клевета, но барањето беше одбиено.