Четворица патници во авион на „Air Serbia“ што летал од Белград кон Лондон биле приведени по слетувањето на лондонскиот аеродром Heathrow.
Се претпоставува дека станува збор за британски државјани со пакистанско потекло, а приведени се поради вознемирување на патниците и потенцијално загрозување на безбедноста.
Екипажот на лет и патниците, меѓу кои и новинарка на српската новинска агенција „Бета“, најпрво осетиле мирис на чад од цигари.
Тројца млади мажи и една жена, и покрај предупредувањата од патниците, продолжиле да пушат.
Ситуацијата за време на двочасовниот лет била напната, дошло до расправии меѓу патниците, од кои дел исто така ја обвинувале приведената патничка за расизам.
За време на летот, приведените постојано станувале и седнувале, го менувале местото на седење, а други четворица млади патници во авионот практично служеле како обезбедување и ги спречувале да се шетаат низ авионот.
Една од стјуардесите успеала да му ги одземе кутијата цигари и запалката на еден од приведените, потоа му го зела пасошот и му издала писмено предупредување, а во еден миг и се заканила дека авионот принудно ќе слета.
Кога авионот конечно слетал во Лондон, сите патници биле замолени да останат на своите места.
Влегла полиција и ги уапсила наведените патници, а од патниците од задните седишта кои биле најблиску до нив, биле земени изјави.