Македонија

Дуковски: Бојан Јовановски е во лоша здравствена состојба, но по секоја цена се носи на судење

23. јануари 2020 - 11:54 | МИА

Здравствената состојба на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 е далеку од добра и тој по секоја цена се носи на судење. Ова е изживување. За шест месеци е носен 55 пати во болница, изјави неговиот бранител, адвокатот Сашо Дуковски по денешното рочиште за случајот „Рекет“.

Прашан каква е здравствената состојба на Боки 13, адвокатот Дуковски порача дека е далеку од добра и дека тој со сила се носи на судски рочишта.

– Сами може да заклучите каква е здравствената состојба на едно лице кога 55 пати е носен на здравствени интервенции. Тие не се ништо друго, туку едно алиби дека нешто се прави. Ништо не се прави, туку се обидува да се одржи некоја далеку од нормална состојба за да тој по секоја цена се носи на судење, изјави Дуковски.

Нагласи дека пред неколку дена примероци од здебелени чирови во неговиот желудник се пратени на Хистологија да се утврди дали станува збор за можен карцином.

– Имаме известие од субспецијалист дека треба да се спроведе хигиено-диететски режим. Не знам кој лекар во Македонија веќе треба тоа да го напише. Не може сите лекари да грешат, сите лекари се сложни дека истиот треба да се биде на строг хигиено-диететски режим. Како може тоа да се спроведе во затвор, изјави Дуковски.

Посочи дека станува збор за класична дискриминација, каде од тројца обвинети, само обвинетиот се наоѓа во притвор.

– Доколку се случи нешто со Бојан Јовановски, јавно кажувам дека многу лица ќе бидат опфатени со кривични пријави. Ова е иживување. Дали како новинари сте имале некој што за шест месеци е носен 55 пати во болница и притоа еден месец да биде хоспитализиран, изјави Дуковски. 

Ивановска: Ако се реши „Рекет“, ќе се подобри перцепцијата за корупцијата во земјава и ќе се зголеми довербата на граѓаните во институциите

Ако се реши случајот „Рекет“, ќе се подобри перцепцијата за корупцијата во земјава, но ќе се зголеми и довербата на граѓаните во институциите, рече денеска претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.

Според Ивановска, и сé да не чини во државата, ако оној што пресекува – правосудството си ја заврши работата со ефект, тогаш и перцепцијата за корупцијата ќе биде поинаква. Негативни случаи секогаш имало и ќе има, но поентата е како тие ќе се решат и каква порака ќе пратат на останатите чинители во општеството.

-За жал, ни се случи тешка и лоша работа минатата година, случајот „Рекет“ кој многу придонесе да се влоши перцепцијата за корупцијата во нашата држава. Добро е што се работи на овој случај, а уште подобро ќе биде ако се сработи, па луѓето малку да ја променат перцепцијата, да ја зголемат довербата во институциите, изјави претседателката на ДКСК; одговорајќи на новинарски прашања пред годишната конференција во рамки на проектот „Заедно во борба против корупција“.

Оценка на Ивановска е дека, сепак, бележиме некаков прогрес. Лани бил историски најголем бројот на претставки од граѓаните до ДКСК што покажува зголемување на јавната свест, а исчекор има и во работата на институциите иако тука има уште многу простор за подобрување.

Коментирај