Свет

Два инциденти околу Белата куќа во текот на ноќта

19. март 2017 - 11:28 | А.С.

Едно лице е уапсено откако сомнително возило поминало покрај контролниот пункт во близина на Белата куќа во Вашингтон, соопшти денес Американската тајна служба.

Американската новинска куќа CNN објави дека возачот тврдел дека има бомба.

Повикувајќи се на извори од безбедносните служби, CNN објави дека нема потврда дека таква направа била најдена синоќа во возилото, но дека мерките на безбедност околу Белата куќа се засилени.

Тајната служба соопшти дека непознатиот возач бил приведен откако со возилото се приближил до пунктот, но не спомна никаква експлозивна направа.

Неколку улици околу Белата куќа беа затворени за сообраќај.

Претходно, 26-годишниот Џонатан Тран ја прескокнал препреката во тампон зоната кај Белата куќа и се задржал 15 минути на територија на претседателската резиденција пред да биде уапсен.

Според извор од Тајната служба, Тран активирал неколку аларми пред да стигне до Белата куќа, но „реакцијата на алармите била бавна, а натрапникот нашол слабости во системот“.

Тран, жител на Калифорнија, бил фатен на само неколку чекори од главниот влез на претседателскиот имот.

Во извештајот за апсењето стои дека осомничениот носел два канистери со солзавец.

Американскиот претседател Доналд Трамп бил на Флорида кога се случиле двата инциденти.

Коментирај