Ф1

Двоен триумф за Ред Бул, катастрофа на Хамилтон

2. октомври 2016 - 11:25 | Макфакс

Двојна победа на Ред Бул на трката за Големата награда на Малезија, која поради дефект на моторот не ја заврши Луис Хамилтон во моментот кога беше лидер на патеката. Победи Даниел Рикардо, пред Макс Ферстапен и Нико Розберг.

Даниел Рикардо од Ред Бул ја забележа четвртата победа во кариерата, откако прв мина низ целта на патеката во Сепанг, на која денеска се возеше трката за Големата награда на Малезија. Австралиецот 56-те круга ги мина за 1:37:12.776 часа.

Рикардо до победата стигна пред клупскиот колега Макс Ферстапен. Возачите на Ред Бул на најдобар начин го искористија откажувањето на Луис Хамилтон на кого во 41-от круг му откажа моторот, во момент кога се наоѓаше на првото место со сигурна предност пред конкурентите.

Од откажувањето на Хамилтон најмногу профитираше Нико Розберг, иако Германецот имаше лош старт и уште во првиот свиок по контактот со Себастијан Фетел падна на последната позиција. 

До крајот на трката Розберг успеа да стигне до третото место и да ја зголеми предноста над Хамилтон во генералниот пласман на 23 бодови. 

Бодови во Малезија освоија уште и Раиконен, Ботас, Перез, Алонсо, Хилкенберг, Батон и Палмер.

Наредната трка ќе се вози на 9. октомври во Јапонија на легендарната патека во Сузука. 

Коментирај