Македонија

Џафери ќе испрати допис до Мандатно-имунитетната комисија за отстуството на Груевски

15. мај 2019 - 15:03 | МИА
Скопје, 15 мај 2019 (МИА) – Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе испрати допис до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со кој ќе ја извести дека пратеникот Никола Груевски неоправдано бил отустен од седниците на Парламентот повеќе од шест месеци, потврдија од собраниската прес-служба.

Според член 59 од собранискиот Деловик, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.

Како што се наведува во членот 59, претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот.

Пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски за кој има правосилна пресуда од двегодишна затворска казана за случајот „Тенк“ на СЈО, а е осомничен и за организирање на собраниските настани од 27 април, избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант. 

Коментирај