Македонија

Џафери: Светата столица ќе продолжи да нѐ поддржува во евроинтегративните процеси

24. мај 2019 - 16:10 | МИА
Рим, 24 мај 2019 (МИА) – Државно-црковната делегација, која во Рим учествува на манифестацијата во чест на свети Кирил, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Францискo.

Државната делегација ја предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери, а црковната архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

– Мирот, толеранцијата и соработката меѓу државите и народите се најдобриот пат за иднината. За соработките во регионот разговаравме и со државниот секретар на Ватикан кој потврди дека Светата столица секогаш нѐ поддржувала и ќе продолжи да не поддржува во евроинтегративните процеси на нашата држава. На овој начин се создаваат услови и ние да придонесеме во евроинтегративните процеси и соживотот на народите во светот, изјави Џафери по аудиенцијата кај папата Францискo.

Пред членовите на македонската државна и црковна делегација, папата Франциск јавно се заблагодари за неодамнешниот прием и гостопримство што го почувствувал во Скопје.

– Ме трогна наклонетоста, љубезноста на народот и посебно младите луѓе кои иако доаѓаат од различни религии веруваат во заедништво. Сакам да нагласам дека вашиот народ е порта за влез на христијанството во Европа. Бидете посланици на мирот, порача папата Францискo на аудиенцијата за македонската делегација во Ватикан.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој е дел од државната делегација, рече дека за само еден месец имале втора директна средба со папата Франциск, што според него, симболично ја покажува посветеноста на Ватикан за нашите процеси.

– Ја искористивме можноста да се заблагодариме за тоа што папата Францискo го направи за нашата држава. Со неговата посета даде визибилност на нашата мала држава и поддршка на процесите што кај нас се случуваат. Подготвени се да ги помагаат нашите евроинтеграции и јас тоа посебно го почитувам, рече Анѓушев по приемот во Светата столица.

Коментирај