Фудбал

Џани Инфантино: Ова е најдоброто Светско првенство во историјата

13. јули 2018 - 15:50 | М.Д.

Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), денеска во Москва, изјави дека Светското првенство во Русија е најдоброто во историјата на Мундијалите, кои датираат уште од далечната 1930 година.

„Рековме дека сакаме ова да биде најдоброто Светско првенство во историјата, па тоа и го добивме. Затоа треба да и се заблагодарам на Русија, на руската Влада, Организациониот одбор и Фудбалскиот сојуз на Русија, како и волонтерите, кои се срцето и насмевката на ова Светско. Сите напорно работеа за овој настан да постигне голем успех“, нагласи Инфантино.

Според него, Мундијалот ја промени Русија, која стана вистинска фудбалска земја.

„Фудбалот е сега дел од рускиот ДНК. Светското првенство ја промени перцепцијата на светот за Русија. Околу милион луѓе ја посетија оваа земја и сите го почувствуваа прекрасното добредојде“, вели Инфантино.

„Секако, благодарноста оди и до 32 репрезентации, кои го создадоа ова натпреварување. Тоа беа тие, играчите кои зборуваа на теренот. Сега ќе имаме посебно финале помеѓу Хрватска и Франција. Две репрезентации, кои одиграа посебно важно полуфинале во 1998 година. Специјални честитки одат до нив“, додаде Инфантино.

За крај ги изнесе и статистичките податоци, кои според него се очигледен фактор дека зборуваме за најдоброто и најгледаното првенство досега.

„Стадионите беа 98 проценти исполнети. Повеќе од милион навивачи ја посетија Русија, натпреварите ширум светот ги следеа три милијарди луѓе. Се очекува финалето да го гледаат милијарда луѓе. Дигиталните канали имаа 11 милијарди прегледи на содржините, ВАР беше успешен, антидопинг програмата помина без преседан. Имавме рекорден број на тестови, а ниту еден позитивен случај. Гледавме прекрасни натпревари, со многу емоции, а само еден меч заврши без голови“, заврши Инфантино.

Следното Светско првенство ќе се одржи во Катар и ќе се игра од 21 ноември до 18 декември 2022 година.

Коментирај