Живот

Џасинда Ардерн: Од диџеј до најпопуларна премиерка во светот

21. март 2019 - 15:08 | Б.С.Б.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, стекна голема популарност уште на самиот почеток на мандатот во 2017 година, кога на 37-годишна возраст стана најмладата шефица на државата во светот.

Поради прогресивните ставови, залагањата за феминизам и стабилно водење на државата, таа стана еден од најдобрите примери дека поговорката „светот им останува на младите“ е навистина точна. Најпопуларната политичарка во светот некогаш била диџеј, настапувала на бројни фестивали.

На нејзината плеј листа се наоѓале Битлси, Спајс грлс, Том Џонс и други.

Долго време била член на Лабуристичката партија, а набргу станала втора жена на чело на партијата. Израсната е во мормонско семејство, но ја напуштила црквата поради нејзините негативни ставови за хомосексуалноста. Во текот на кампањите се залагала за легализација на марихуаната, како и за правата на жените.

Со раѓањето на детето минатата година таа стана втора светска лидерка која се има породено во текот на мандат, пред неа тоа единствено го направи премиерката на Пакистан, Беназир Буто. На седницата на Обединетите Нации во Њујорк се појави со тримесечно бебе и светот ја засака уште повеќе.

За неа се пишуваше во Vogue, а магазинот Time ја стави на листата 100 највлијателни луѓе во светот. Сето тоа благодарение на еден целосно поинаков, модерен пристап во политиката, со чести гостувања во забавни емисии. Новите мерки за поддршка на семејствата со деца таа ги соопшти од својот дом, откако заврши со доење, со видео во живо на Facebook.

Нејзините критичари велат дека Џасинда не води сметка за економијата, дека ги маскира проблемите.

Невидената трагедија што се случи пред неколку дена на Нов Зеланд ја зави земјата во црно. Џасинда и во тие трагични мерки покажа дека знае да се носи со ситуацијата. Без размислување, го окарактеризира нападот како тероризам и ги осуди коментарите кои овој масакр го доведоа во поврзаност со имигрантите муслимани. Во рок од два дена најави дека Законот за вооружување ќе биде променет по иста постапка.

Силно и недвосмислено на сите им стави до знаење дека Нов Зеланд ќе направи сè за да ги заштити граѓаните, без разлика на нивната вероисповед или боја на кожа. Во Крајстчерч се појави со хиџаб на главата за да оддаде почит на муслиманската заедница.

Нејзините фотографии на кои разговара со преживеаните од нападот во двете џамии станаа вирални на интернет. Џасинда вети помош на сите семејства на настраданите, државата ги сноси трошоците за погреб, а семејствата ќе бидат згрижени. Со тоа стана уште повеќе омилена меѓу народот, но и во светот.

Коментирај