Свет

Џеф Безос сè уште е најбогатиот човек во светот

2. јануари 2020 - 8:50 | МИА

Њујорк, 2 јануари 2020 (МИА) – Извршниот директор и основач на Amazon Џеф Безос минатата година ја заврши, а новата ја почна како најбогат човек на светот со проценето богатство од 115 милијарди долари.

Безос во 2019 година се разведе по 25 години брак, а со сопругата Макензи Безос се договорија да ѝ останат четири проценти од уделот во гигантот кој се занимава со онлајн малопродажба. Така, Макензи Безос доби околу 37 милијарди долари и се најде на 25-то место на листата на најбогатите.

Според индексот за милијардери на Bloomberg, кој ги следи 500 најбогати луѓе на светот, на второ место е основачот на Microsoft Бил Гејтс со 113 милијарди долари.

На трето место е Бернар Арно со 105 милијарди долари. Арно е најбогат Французин и генерален директор на LVMH кој ја контролира речиси половина од познатиот француски моден синџир во чија групација, освен Луј Витон се и други познати брендови.

Потоа следува американскиот инвеститор Ворен Бафет со 89,3 милијарди долари, а на петто место е основачот на Facebook Марк Закерберг со 78,4 милијарди долари. 

Коментирај