Македонија

Џемали Мехази: Мојата оставка е од човечки причини

24. февруари 2015 - 15:04 | Макфакс

По оставката на директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева Змејкова, оставка си поднесе и другиот директор на ФЗОМ, Џемали Мехази.

Оставката, како што пишува во писмената изјава на Мехази, ја поднел мотивиран од човечки причини иако направил се што му било овозможено во рамките на законот.

„Со оглед на чувствителноста креирана во јавноста и рекациите од граѓаните за смрта на малата Тамара Димовска ве известувам за мојата оставка од функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија. Случајот на Тамара ме погоди како човек и како родител. Сакам да појаснам дека мојата оставка е мотивирана од човечки причини, и покрај тоа што во вршењето на мојата функција, за овој случај и сите други слични случаи, јас направив сè што ми беше овозможено во рамките на законот. Во времето додека ја извршував оваа функција, лично сум се залагал за да се решаваат сите случаи кои се обратиле до ФЗОМ секако во согласност не само со законските обврски и водено од лична совест. За мене и моите соработници немаше значење, во никој момент, името, етничката и верската припадност, во изнаоѓање на решенијата за нашите граѓани“ се вели писмената изјава на Мехази.

Во моментов се случуваат организирани протести на кои се побара одговорност за смртта на деветгодишната Тамара која почина чекајќи да и се одобри операција на рбетот во странство.

Коментирај