Филм & ТВ

Џенифер Анистон за Харви Вајнстин: Се однесуваше како свиња

10. октомври 2019 - 18:32 | А.С.

Десетици жени во филмската индустрија го обвинија холивудскиот продуцент Харви Вајнстин за различни форми на сексуално вознемирување и малтретирање.

Меѓу оние кои јавно проговорија за неговото недолично и нападно однесување е и холивудската актерка Џенифер Анистон која во интервју за списанието Variety проговори за негативното искуство од работењето со него.

Актерката работела со него на филмот со Клајв Овен „Derailed“ (2005) што го снимала продуцентската куќа на Вајнстин.

Анистон, меѓу другото, рече дека Вајнстин се обидел да ја натера да носи фустан што го дизајнирала неговата сопруга Џорџина Чепман.

„Таа година Џорџина Чепман имаше нова модна линија. Харви ме посети за време на снимање во Лондон и ми рече: ‘Сакам да го носиш овој фустан на премиерата’. Фустанот не беше мој стил, па го одбив, а тој на тоа ми одговори дека морам“, рече Анистон.

Една од непријатните сцени што ги доживеала со него била на вечера по повод премиерата на филмот.

„На масата седеа Клајв Овен и продуцентите, а јас седев до еден пријател. Во еден момент Вајнстин влезе и му рече на мојот пријател да се тргне и седна до мене. ‘Какво одвратно однесување, како свиња’, си помислив тогаш.“

Вајнстин во моментов се соочува со повеќе од 70 обвиненија за сексуално вознемирување, малтретирање и силување. Обвиненијата против него резултираа со глобалното движење #MeToo кое според Анистон направило огромни поместувања во Холивуд.

„Има уште простор за напредок“, истакна Анистон која моментално работи на проектот „The Morning Show“ во кој се обработува темата злоставување на работното место.

Коментирај