Кошарка

Џими Батлер не можеше повеќе, побара трејд од Минесота

19. септември 2018 - 20:45 | К.З.

Она што се шпекулираше во текот на целото лето денеска конечно се официјализираше – Џими Батлер е незадоволен во Минесота Тимбервулвс и побара да биде трејдуван од тимот.

НБА инсајдерот Ејдриен Војнаровски вечерва соопшти дека неколкукратниот Ол-Стар играч Џими Батлер побарал трејд од раководството на Минесота Тимбервулвс и како дестинација наброил три клуба во кои би сакал да биде трејдуван.

Според Војнаровски, Батлер размислува на живот надвор од Минесота, откако минатогодишниот неуспех во плејофот и несогалсувањата помеѓу постарите и помладите играчи создадоа негативна атмосфера во соблекувалната.

Како потенцијални дестинации за трејд Џими Батлер ги посакува Бруклин Нетс, Њујорк Никс и Лос Анџелес Клиперс, три клуба кои имаат место во селари кепот за да му понудат нов договор на Батлер откако ќе му истече актуелниот. Како најверојатна дестинација се споменува Њујорк Никс, клуб кој уште од поодамна изрази желба дека сака да го види Батлер во белиот домашен дрес.

Џими Батлер во текот на минатата сезона имаше многу критики за младите играчи од составот, посебно Ендру Вигинс и Карл-Ентони Таунс. Тој ги критикуваше младите играчи дека не покажуваат победнички карактер и дека одбиваат да играат одбрана, што пак предизвика негативни реакции кај фановите и играчите во тимот.

Коментирај