Чек дис аут

Џиновска риба се појави на плажа во Австралија

21. март 2019 - 15:58 | А.С.

Фотографиите со чудната џиновска риба што брановите ја исфрлија на плажа во Јужна Австралија вирално се раширија на социјалните мрежи.

Примерокот што експертите го идентификуваа како „океанска сончева риба“ (Mola Mola) е долг 1,8 метри и први го забележале локални рибари.

Прво помислиле дека се работи за трупец, раскажува Линет Грзелак, чиј партнер ја нашол рибата и која прва објави фотографии од „чудовиштето“ на Facebook.

„Не верував дека навистина постои додека не изгуглав ’сончева риба’“, вели таа.

Рибарите велат дека рибата била многу тешка и дека површината ѝ била груба како кожа на носорог.

Рибата била исфрлена од брановите на брегот во Националниот парк Коронг, на околу 80 километри јужно од Аделаида.

Океанската сончева риба или Mola Mola, е најтешката риба на светот и живее во умерено топли солени води ширум светот. Има голема глава и непропорционално мала уста, како и долга грбна и задна перка.

Овој примерок е дури малечок во споредба со тоа колкави може да пораснат овие риби – повеќе од 4 метри и над 2,5 тони во тежина.

Овој вид риби се безопасни за луѓето, иако често ги мешаат со ајкули кога пливаат во плитки води.

Коментирај