Филм & ТВ

Џона Хил се откажа од улогата во „The Batman“

17. октомври 2019 - 10:47 | А.С.

Само што беше соопштено дека добил улога во новиот филм за Бетмен, Џона Хил се повлече од проектот.

Зошто холивудскиот актер се откажа од учество во филмот, каде најверојатно ќе ја играше улогата на негативецот, не е познато, но инсајдери за Variety изјавија дека преговорите биле само во почетна фаза и ништо не било дефинитивно.

Веста следува откако беше соопштено дека Зои Кравиц ја добила улогата на Селина Кајл, односно Жената-мачка, во најновиот филм за Бетмен што ќе го режира Мет Ривс, со Роберт Патинсон како суперхеројот од Готам Сити.

Хил наводно требаше да ја игра улогата на негативецот во филмот, Пингвинот или Ридлер.

Хил играше во научно-фантастичната серија „Maniac“ на Netflix, заедно со Ема Стоун, а режисерското деби го имаше лани есента со „Mid90s“, филм за кој исто така го напиша и сценариото.

Последен филмски проект на кој работел беше „Beach Bum“, филм со Метју Меконахи што имаше кинопремиера во март годинава.

Подготовките за снимањето на филмот што е во продукција на Warner Bros.- DC Comics почнаа летово, а со снимање се очекува да се почне пред крајот на годинава или во почетокот на 2020 година.

„The Batman“ ќе има кинопремиера на 25 јуни, 2021 година.

Коментирај