Бизнис
инвестиција од 20 милиони евра

„Џонсон Контролс“ ќе гради фабрика во Штип

2. септември 2011 - 15:13 | Макфакс

Во средината на наредниот месец ќе почне изградбата на новата фабрика на „Џонсон Контролс“ вредна 20 милиони евра, што ќе биде лоцирана во Технолошко индустриската зона кај Штип.

Предвидено е во неа да се произведуваат тапацири за автомобилски седишта, за што ќе бидат отворени 1.400 работни места. Производите ќе бидат наменети за европскиот пазар.

На денешната средба меѓу премиерот Никола Груевски и менаџерот на проектот Стивен Мејлеманс, било констатирано дека одлуката на „Џонсон Контролс“ повторно да инвестира во Македонија е потврда за добрите бизнис услови во земјата.

„Оваа фабрика, освен што ќе отвори нови работни места, ќе придонесува значително и во македонскиот извоз и секако ќе значи на еден начин подобрување на состојбата на граѓаните во регионот каде ќе биде стационирана“, изјави Груевски по средбата.

„Џонсон Контролс“ својата прва фабрика во Македонија ја изгради во економската зона „Бунарџик“ во близината на Скопје.

Коментирај