Останати спортови

Џошуа: Го сакав Вајлдер, ама ќе му се реванширам на Руиз

3. јуни 2019 - 13:57 | А.С.

Поразот на Ентони Џошуа од аутсајдерот Енди Руиз Џуниор го шокираше боксерскиот свет.

Британецот со еден пораз ги изгуби појасите во WBA, IBO, IBF и WBF. На Џошуа добро му одеше до третата рунда и кога сите очекуваа „да ја заврши работата“ се случи пресвртот и во седмата рунда судијата го прекина мечот и прогласи победа за Руиз со технички нокаут.

„Да, тоа сум јас и таков е огнот во мене. Но, не потонувајте во тага. Ова е бокс. Покажав дека имам сила и моќ, ќе се вратам“, порача Џошуа.

„Едноставно, ова не беше моја ноќ. Ова беше ноќ на Енди Руиз. На крајот, ова е добро за ТВ, за DAZN и за луѓето кои гледаа. Јас сакав да се борам, тоа е нормална реакција. Мене ми е работата да се борам, на судијата да суди, не се мешам во тоа. Судијата го прекина мечот бидејќи мислеше дека не можам да продолжам. Штета за тоа, но јас нема да очајувам“, мирно констатираше британскиот боксер и сега веќе поранешен првак.

Многумина се прашуваат дали Џошуа го потценил Руиз и што всушност се случи.

„Да барам сега изговори, би рекол дека секако го потценив. Но, нема изговори, ова е сѐ моја грешка. Бев погоден со одлични удари и го изгубив мечот“, рече тој, па најави реванш.

„Го сакав Деонтеј Вајлдер, но не дојде тој, туку Енди Руиз. Во врска со клаузулите за реванш, се разбира дека ќе ги активирам, во тоа сум 100% сигурен“, заврши Џошуа.

Коментирај