Филм & ТВ

Џуди Денч со критики зошто Кевин Спејси бил „исечен“ од филмот на Ридли Скот

26. септември 2018 - 15:45 | А.С.

Англиската актерка со титула лејди, Џуди Денч, јавно го критикуваше фактот дека нејзиниот добар пријател Кевин Спејси бил „исечен“ од еден од неговите последни филмови.

„Не можам да оправдам, на ниту еден начин – без разлика што направил – што сте почнале да го сечете од филмови во кои играл“, рече таа на гостувањето на филмскиот фестивал Сан Себастијан во Шпанија.

Таа рече дека Спејси ѝ бил „бесценета утеха“ додека заедно го снимале краткиот филм „The Shipping News“ (2001), набрзо по смртта на нејзиниот сопруг.

Против оскаровецот Спејси се поднесени неколку обвиненија за сексуален напад, кои тој ги негира.

Поради секс-скандалот, режисерот Скот Ридли ги исече неговите сцени во улогата на нафтениот тајкун Џон Пол Гети во филмот „All the Money in the World“ (2017) и ги пресними сцените со него со актерот Кристофер Пламер.

Пламер подоцна беше номиниран за Оскар, БАФТА и Златен глобус за оваа улога.

Денч се изјасни дека одлуката да се избрише појавувањето на Спејси поставува многу проблематичен преседан.

„Дали сега треба да се вратиме низ историјата и секој кој се однесувал лошо на каков било начин или некако го прекршил законот или направил некаков прекршок, да биде исечен?“, рече таа пред новинарите.

„Дали ќе ги исклучиме од нашата историја? Не знам ништо за околностите на тие случувања, но без оглед на тоа сметам дека бил и дека е прекрасен актер... и добар пријател“, додаде Денч за Спејси.

83-годишната актерка рече дека не може да замисли што прави сега Спејси.

Портпаролот на актерот минатиот ноември рече дека Спејси прави пауза „за да побара проценка и терапија“.

По објавувањето на веста за обвиненијата, ликот на Спејси во популарната ТВ-серија „House of Cards“ беше укинат, а неговиот последен филм „Billionaire Boys Club“ во кој имаше споредна улога, помина многу лошо на киноблагајните по премиерата во јули годинава.

Коментарите на Денч наидоа на различни реакции во јавноста.

Жан-Пјер Ледук ја пофали бидејќи кажала што мисли и рече дека треба да им се даваат втори шанси на луѓето.

Корисниците на Twitter пак, коментираа дека „ја премина границата“ и дека нејзината поддршка за Спејси е „одвратна“.

Денч е во Сан Себастијан за да го промовира нејзиниот нов филм, шпионскиот трилер „Red Joan“, а исто така ќе ја прими наградата за животно дело што ја доделува филмскиот фестивал.

Коментирај