Вести

„Ѕидот“ на Samsung е 293-инчен телевизор кој никогаш не се гаси

15. јуни 2019 - 15:31 | К.З.

Samsung го откри изгледот на новиот телевизор наречен „The Wall Luxury“, кој веројатно е најамбициозниот и најекстравагантен телевизор некогаш произведен. Со големина од дури 293 инчи, овој уред ќе го зафати целиот ѕид и ќе го претвори во вистинско домашно кино.

Покрај огромниот екран, овој телевизор емитува содржина во резолуција 8К на неговиот ултрамоќен дисплеј кој е „идеален за светли содржини во големите дневни соби на потенцијалните купувачи“.

Иако е огромен во должина, The Wall Luxury е тенок нешто помалку од 30 милиметри, така што може да биде сместен во било која просторија без да зафаќа премногу простор. Исто така, овој телевизор никогаш не се гаси, туку неговиот дисплеј се претвора во дигитален канвас кој се „претопува“ во ентериерот на сопственикот и неговото моментално расположение, прикажувајќи визуелна уметност и содржина по избор додека не се користи како телевизор.

Од Samsung велат дека тој е дизајниран за луксузни резиденции и купувачи кои сакаат да се чувствуваат отмено, а истото го вели и цената од огромни 100.000 американски долари.

Компанијата предвидува дека во иднина ваквите големи телевизори ќе го трансформираат домот во сопствена киносала наменета за максимално уживање на сопствениците.

The Wall Luxury почнува со продажба од наредниот месец.

Коментирај