Хроника

Еден мигрант загина, 11 во болница по сообраќајка на автопатот Демир Капија-Неготино

24. август 2019 - 10:39 | МИА
Неготино, 23 август 2019 (МИА) – Едно лице загина, едно е вратено во камп, а 11  мигранти се префрлени во болницата во Кавадарци по сообраќајката на автопатот Демир Капија-Неготино, потврди за МИА Билјана Филипова, директор на Здравствен дом Неготино.

Итната медицинска помош при Здравствениот дом интервенирала со три возила во сообраќајката во која возило со мигранти што се движело на патниот правец Демир Капија-Неготино во близина на бензинската пумпа „ДЕП“ удрило во задниот дел на товарно возило што се движело во ист правец и се самозапалило.

Едното лице било полесно повредено и предадено на полиција да го врати во кампот.

Четворица од 13 мигранти повредени во сообраќајката синоќа на автопатот Демир Капија-Неготино,  пренесени се  на Скопските клиники, за МИА потврдуваат од хируршкото одделение при Општа болница Кавадарци. 

– Од Итната медицинска помош Неготино ни донесоа 13 мигранти. Еден беше починат, петмина задржавме во оваа болница, а тројца со полесни повреди беа третирани амбулантски. Еден од потешко повредените имаше фрактура на пршлен и крварење во мозок, а друг скршеници на ребра, појаснуваат од болницата.
 
Сите биле на возраст од околу 22 до 25 години. 
 
Според МВР, товарно моторно возило „фолксфаген фејтон” со мигранти,  удрило во товарно моторно возило ,,сканија”, управувано од 58-годишниот Љ.Д од Кавадарци. Десетмина мигранти биле од Пакистан, а тројца од Бангладеш. 

Коментирај