Кошарка

Една цел на кошаркарските великани - да го надминат Мајкл Џордан

4. јули 2018 - 15:03 | К.З.

Пред неколку дена ја добивме најголемата вест поврзана со НБА лигата во последните десетина години – Леброн Џејмс потпиша со Лос Анџелес Лејкерс. Сега најпопуларниот кошаркар и најпопуларниот клуб во светот одат на мисија да го надминат легендарниот Мајкл Џордан.

Како дестинации се споменуваа Бостон Селтикс, Филаделфија Севентисиксерс и Хјустон Рокетс, но ниту еден од овие тимови не беше доволно елитен за Кралот да размислува за потпис со нив.

Ако Хјустон Рокетс сакаа да му понудат договор на Леброн Џејмс, ќе мораше да се откажат од тројца или четворица играчи од ротацијата, бидејќи мораа да ослободат место за максималниот договор на Џејмс. Филаделфија немаше такви проблеми, но таму играчкиот кадар не одговараше со желбите и потребите на Кралот, поради тоа што двајцата главни играчи, Џоел Ембиид и Бен Симонс, оперираат блиску под кошот, исто како Леброн. Бостон Селтикс имаа шанса, но знаеме дека помеѓу оваа организација и Леброн Џејмс нема многу љубов уште од поодамна.

Изборот падна на Лос Анџелес Лејкерс, не поради тоа што играчкиот кадар повеќе му одговараше или пак затоа што тие се во позиција за да атакуваат на титулата уште во првата сезона, туку заради тоа што ова е Лос Анџелес – еден од најпознатите градови во светот, градот на луксузот, елитниот начин на живот и место каде успехот се цени повеќе од било каде на планетата. А диригентот на овој договор? Ирвин Меџик Џонсон, еден од најголемите играчи на сите времиња.

Меџик Џонсон е добар пријател на Мајкл Џордан, но тој живее во неговата сенка откако познатата 23-ка се појави на терените во тимот на Чикаго Булс. Поради тоа што Џордан ја презема лигата уште во првите неколку сезони, тоа значеше дека сето она што Меџик го изгради со Лејкерс во тие 12 сезони беше избледено и скоро заборавено.

Доминацијата на Мајкл Џордан траеше многу долго откако тој се пензионираше и никој не мислеше дека ќе се појави некој кој ќе го надмине неговиот учинок. Така беше додека не се појави Леброн Џејмс. „Избраниот“, како што пишува на неговата тетоважа, уште од многу мал тргна на пат кон освојување на спортот и сега бара дополнителен предизвик за да докаже дека тој е најдобриот што некогаш играл кошарка, најдобриот на сите времиња.

Иако многумина ќе речат дека сите работи околу потписот со Лејкерс се вртат околу Леброн Џејмс, сепак тука е и Меџик Џонсон, кој на некој начин работи на случајот да докаже дека постигнувањата на Мајкл Џордан можат да бидат надминати, на еден или на друг начин.

Случајот за Меџик Џонсон

„Леброн и Меџик имаат многу заеднички работи, а една од нив е Мајкл Џордан. За четири години ако Џејмс освои една или две титули со Лејкерс, Меџик ќе добие статус на магионичар бидејќи го донесе најдобриот кошаркар во светот во Лос Анџелес, додека Леброн ќе има титули со три различни клубови. Мајкл и бејзбол? Ве молам... Мајкл и Вашингтон Визардс? Боже, тоа беше засрамувачки. Леброн и Меџик имаа тричасовен состанок на кој ве уверувам дека не зборувале за Џавел МекГи, туку за Мајкл Џордан. Двајцата веруваат дека можат да го надминат во наредните четири години“, вели новинарот на Fox Sports, Колин Кауерд.

Во 12 полни сезони кои ги одигра во Лос Анџелес Лејкерс, Меџик беше Ол Стар во секоја од нив и беше дел од 9 финалиња. Покрај тоа беше трипати МВП на лигата, петпати шампион. Би било досадно да се набројуваат сите негови постигнувања, но не смее да се заборави дека тој има и тоа каков аргумент за Најдобриот кошаркар на сите времиња. Само, некако луѓето се заљубија во Мајкл Џордан и Меџик остана во позадина.

Ако успее да се докаже како генерален менаџер на Лос Анџелес Лејкерс, а добро почна со донесувањето на Леброн, Меџик може да остане запамтен како најголемиот кошаркарски работник на сите времиња. Поголем од Бил Расел, поголем од Фил Џексон и сигурно поголем од Ајзеа Томас, неговиот ривал кој имаше очајни неколку сезони на кормилото на Њујорк Никс. Со тоа ќе ги надмине сите негови претходници, па дури и Мајкл Џордан.

Случајот за Леброн Џејмс

„Мојата мотивација е духот кој сакам да го стигнам – духот кој играше во Чикаго“, рече Леброн Џејмс по освојувањето на третата титула, прва со Кливленд Кавалирс.

Како што поминуваат годините, Леброн се доближува до таа цел, барем статистички. Наредната сезона се очекува Леброн (31.038) да го помине Мајкл (32.292) и во вкупниот број на поени. Сепак, колку и да се труди на индивидуален план Мајкл Џордан има три титули повеќе од него.

Работата е во тоа што тој и не мора да освои шест или седум трофеи за да го надмине Џордан. Доколку успее да освои титула со Лос Анџелес Лејкерс, тој ќе стане само третиот кошаркар кој успеал да освои титула со три различни тимови, но и првиот кој е сметан за најдобриот играч на секој од тие тимови.

На крајот на краиштата, не мора кошарката да ја гледаме низ призмата на освоените титули. Мајкл Џордан го сметаме за најдобар кошаркар на сите времиња а тој нема најмногу титули од сите. Бил Расел е најтрофеен со 11 титули во 13 сезони.

Лос Анџелес

„Градот на светлината, Градот на ангелите – место каде сѐ е различно. Во Лос Анџелес сите се ѕвезди“, рече еднаш актерот Дензел Вашингтон.

Лос Анџелес е собиралиште на светската елита. Не зборуваме само за актерите кои владеат со Холивуд, туку и за пејачи, спортисти и бизнисмени, сите собрани во еден град кој го има сиот луксуз на светот на располагање.

Веќе ја разработивме спортската причина за преминот на Леброн Џејмс во Лос Анџелес Лејкерс, но сега мораме да обрнеме внимание и на бизнис аспектот во зделката. Леброн досега нема играно на толку голем пазар. Кливленд беше мал пазар во кој тој носеше половина од целиот приход на градот, додека Мајами е атрактивен град во кој може многу да се потроши, но не може да се очекува да се заработи на бизнис план.

Тој потпиша договор вреден 154 милиони долари, но тоа не е ништо во споредба со сумите кои ги нудат спонзорите како Nike, Samsung, Coca-Cola, Kia и слично. Леброн и онака е најпопуларниот кошаркар, па можеби дури и најпопуларниот спортист во светот, а Лос Анџелес само ќе му овозможи поголем пазар за пласирање на неговиот производ. Зарем има дете кое нема да сака да ги купи новите жолто-виолетови патики со потписот на Леброн Џејмс? Не баш.

Според листата на Forbes од 2016 година, Леброн Џејмс вредеше 300 милиони долари – богатство кое досега сигурно се зголеми барем за уште една 100-ка. Пред три години тој потпиша доживотен договор со Nike во вредност од милијарда долари, па очигледно е дека Леброн сака да го надмине Мајкл Џордан не само на играчки план, туку и на бизнис план.

Лејкерс vs Селтикс

Бил Расел против Вилт Чемберлејн, „Шоутајм Лејкерс“ против Лери Брд и Кевин Мекхејл, Коби Брајант против Пол Пирс, а сега се спрема и четвртиот дел од вечното ривалство помеѓу Бостон Селтикс и Лос Анџелес Лејкерс. Најголемото ривалство во НБА лигата е она што кошаркарските фанови го чекаа со години и сега тоа конечно се остварува.

Ова ривалство почна во 60-те години од минатиот век, продолжи во 80-те а за третиот дел се чекаше до 2008 година, кога Пол Пирс, Кевин Гарнет и Реј Ален излегоа на терен во финалето против Коби Брајант, По Гасол и Ламар Одом. Засега поуспешни се Селтикс, но Леброн Џејмс и Меџик Џонсон се надеваат дека ќе направат доволно добар тим за да ја намалат предноста која ја има тимот од Бостон.

Бостон има млада екипа предводена од Кајри Ирвинг, додека Лејкерс се уште помлади и кај нив на чело стои Леброн Џејмс. Патот до финалето на Бостон е многу полесен, бидејќи во Источната конференција повеќе го нема Леброн Џејмс, а останаа Торонто Репторс и Филаделфија Севентисиксерс. Во Западната конференција е многу потешко, бидејќи таму се Хјустон Рокетс, Оклахома Сити Тандер, Јута Џез, и најважно...

Голден Стејт Вориорс

Сите работи кои ги прочитавте погоре доведоа токму до нив – Вориорс. Тие ја „измачуваат“ лигата веќе две сезони по ред, а сега на тој неверојатен состав го додадоа и еден од двајцата најдобри центри во лигата, Демаркус Казнс. Барем на хартија, овој тим изгледа незапирлив, но Леброн Џејмс не би бил Леброн Џејмс ако не уживаше во тешки предизвици.

Џејмс за првпат во кариерата ќе игра во Западната конференција, што значи дека во конференциското финале нема да го чекаат Демар Дероузен или Ајзеа Томас, туку екипи како Хјустон Рокетс со Крис Пол и Џејмс Харден, Оклахома Сити Тандер со Пол Џорџ и Расел Весбрук, Јута Џез со Донован Мичел и Руди Гобер и Голден Стејт Вориорс со...па, со сите можни играчи кои им стојат на располагање.

Поради операција на ахиловата тетива, Демаркус Казнс ќе ги пропушти првите 40-50 натпревари од сезоната, но тоа и не им е многу важно на Вориорс, кои имаат играчи на клупата како Џордан Бел и Кевон Луни кои ќе го чуваат местото под кошевите за големиот Буги.

Ако успее да го совлада ОВОЈ состав на Вориорс, Леброн Џејмс ќе го зацврсти аргументот за најдобар кошаркар на сите времиња и ќе ги прекине сите критики упатени кон него со текот на годините. Тоа не го очекуваме во првата сезона, но некое чувство кажува дека наредното лето Лејкерс ќе биде многу атрактивна дестинација за играчи како Кавај Ленард, Клеј Томпсон, Џон Вол, Бредли Бил и многу други.

Доколку успее ова партнерство помеѓу Меџик Џонсон и Леброн Џејмс, тие ќе успеат барем за момент да го симнат товарот од грбот кој ги мачи сите овие години – споредбите со Мајкл Џордан. Наредните три сезони во НБА лигата ќе бидат многу интересни, тоа е сигурно.

Коментирај