Свет

Една третина од Германците немаат сожалување за Меркел

16. јули 2019 - 17:49 | А.С.

Германската канцеларка Ангела Меркел по втор пат во една недела седеше за време на официјален прием на странски државник. Таа денеска со седење го проследи интонирањето на химните при пречекот на премиерката на Молдавија Маја Санду во Берлин.

Канцеларката, која утре ќе го одбележи 65-тиот роденден, веќе во неколку наврати во јуни и јули покажа знаци на физичка слабост за време на вршење на јавна функција.

Меркел неконтролирано се тресеше на неколку јавни настани, вклучувајќи пречекување на странски гости. Овие инциденти отворија прашања во врска со здравјето на канцеларката која е позната по работењето со набиена агенда.

Иако светската политичка заедница покажува вакви стравувања, на домашен терен анкетите покажуваат дека една третина од Германците немаат сожалување за неа.

Ова се резултатите од анкета што ја објави весникот Bild, додека друго истражување на јавното мислење на Augsburger Allgemeine покажа дека една третина од Германците сакаат таа да излезе со детално објаснување за нејзината здравствена состојба.

Меркел првично објасни дека тресењето – што прв пат се случи на 18 јуни за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски – се должело на дехидрираност и на фактот дека тој ден било многу топло.

Меѓутоа, втората епизода на 27 јуни се случи во многу попријатни услови. Третиот инцидент беше на 10 јули, кога се затресе стоејќи до финскиот лидер Анти Рине за време на неговата посета на Берлин.

Веќе следниот ден, на свеченоста за прием на данската премиерка Мете Фредриксен, таа седеше за интонирањето на химните.

Меркел се обиде да ги оправда последователните епизоди како психолошки, сугерирајќи дека биле поттикнати од првата.

Таа рече дека „работи на проблемот“ и додаде: „Како што се случило, така и ќе помине“.

Меркел продолжува да настојува дека се чувствува одлично и дека нема потреба за загриженост за нејзиното здравје и добросостојба.

Германската лидерка нема историја на сериозни здравствени проблеми, а тоа само отвора повеќе простор за шпекулации, меѓу кои и дека можеби ќе мора да се повлече од позицијата порано од планираното.

Меркел соопшти дека нема да се кандидира за реизбор кога ќе ѝ заврши мандатот во 2021 година.

Според анкета чии резултати беа објавени викендов, 59% од Германците сметаат дека тресењето на Меркел е „нејзина приватна работа“, а 34% сметаат дека тоа е прашање што ја засега јавноста.

Меркел е на власт од 2005 година и планира да се повлече кога ќе ѝ заврши четвртиот мандат во 2021 година.

Коментирај