Фудбал

Египетски државен медиум го критикуваше Салах: Избричи се, изгледаш како терорист

13. март 2018 - 17:26 | М.Д.

Египетскиот колумнист Салах Монтасер, кој пишува за државниот весник Ал-Ахрам, упати критики кон најдобриот египетски фудбалер и најдобриот стрелец на Ливерпул, Мохамед Салах, пишувајќи дека тој мора да ја избричи брадата која го „става во ист кош со екстремистите и терористите“.

Овој текст бил објавен во неделното издание на споменатиот медиум, пренесува угледниот американски „ESPN“.

„Избричи се, изгледаш како терорист“, ова е пораката која Монтасер му ја испратил на херојот на нацијата, во чија одбрана застанаа неговите обожаватели на социјалните мрежи.

Во свои коментари тие го критикуваа пишувањето на новинарот, истакнувајќи дека личниот изглед е личен избор на секое лице и дека на никого не смее да му се суди според личниот изглед, пренесува „ESPN“.

Пораката до Салах не е случајно упатена во медиум кој е во сопственост на државата, бидејќи Египет уште од 2013 година, кога во воен удар беше срушена владата на Муслиманските браќа, се бори против исламскиот фундаментализам и терористичката организација ИДИЛ.

Во таа борба против тероризмот често знае да се претерува, односно да се оди во крајност, како што е и тоа случај и во оваа јавна порака до Салах, бидејќи во Египет е доволно некој маж да пушти брада за веднаш да го сметаат за сомнителен.

Коментирај