Авто новости

Einride T-Log: Автономен електричен камион кој може да носи товар од 16 тони

12. јули 2018 - 14:45 | К.З.

Шведската компанија за производство на автономни камиони Einride промовираше уште еден прототип кој се очекува да биде хит во истиот момент кога ќе биде пуштен во продажба. Einride T-Log е потполно електричен и целосно автономен камион кој воопшто нема возачка кабина, па со тоа овозможува повеќе место за складирање товар.

Прототипот Einride T-Log е модерен и уникатен камион со една специфична намена: да превезува огромни количини товар.

Имено, T-Log има носивост од 16 тони и примарно е дизајниран за превоз на дрва. Поради неговата намена, тој доаѓа опремен со сите работи потребни за возење на нерамни патишта, тешки услови и совладување на пречките кои се наоѓаат на шумските патишта.

Голем број компании кои произведуваат автономни возила тешко се снаоѓаат со нерамните терени и им вградуваат на нивните возила напредни сензори, софтвер за мапирање и вештачка интелигенција која е дизајнирана да ги научи патиштата. Но, тоа не е случај со Einride T-Log, кој го користи софтверот за автономно возење на Nvidia за да постигне Ниво 4 (што значи дека е комплетно автономен и независен во возење низ претходно одбрана околина) на возење. Овој модел на камион може да биде контролиран од далечински оператор оддалечен стотици километри од него со помош на Phantom Auto технологијата.

Бидејќи нема кабина, T-Log има повеќе простор за сместување на товар и камионот тоа целосно го искористува. Носивоста од 16 тони комбинирана со батеријата која може да обезбеди возење од скоро 200 километри со едно полнење го прави Einride T-Log возило од иднината кое во наредните неколку години скоро сигурно ќе биде голем хит на пазарот.

Од компанијата велат дека за да го купите Einride T-Log ќе треба да почекате уште некое време, барем до 2020 година, кога е закажана неговата премиера.

Коментирај