Европската комесарка за здравство Стела Кирјакидес потврди дека претставници на фармацевтската компанија AstraZeneca најавиле доцнење во испораките на вакцините нарачани од ЕУ за првиот квартал на 2021 година.
По тој повод, Кирјакидес изрази незадоволство и од ЕУ и од земјите членки.
– Инсистираме на прецизен план за испорака врз чија основа земјите-членки можат да ги испланираат своите кампањи за вакцинација, доколку вакцината добие дозвола за употреба, напиша Кирјакидес на Твитер.
Таа додаде дека Европската комисија во контактите со фармацевтската компанија AstraZeneca продолжува да инсистира на предвидливост и стабилноста на испораките на нарачаните вакцини, како и за забрзување на нивната дистрибуција.
Европската агенција за лекови (ЕМА) на почетокот на годината објави дека до крајот на јануари треба да даде проценка за употребата на вакцината на AstraZeneca во ЕУ.
Доколку добие позитивна оценка, AstraZeneca ќе стане третата компанија чии вакцини против COVID-19 ќе бидат лиценцирани за употреба во ЕУ.
До овој момент, потврда од ЕМА имаат вакцините на Pfizer/BioNTech и Moderna.
Минатата недела Pfizer веќе најави доцнење во дистрибуцијата на своите вакцини наменети за ЕУ поради модификација на производствениот процес.