Белград, 22 октомври 2019 (МИА) – Европската комисија внимателно ги следи преговорите за договорот за слободна трговија меѓу Србија и Русија во Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и очекува Белград да се усогласи со надворешната политика на ЕУ, изјави денеска за EURACTIV портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич.
„Се очекува Србија постепено да се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Коцијанчич.
„Ние внимателно ја следиме ситуацијата и ги разгледуваме овие прашања во нашите редовни политички и трговски разговори со српските власти“, додаде портпаролката на ЕУ.
Премиерот на Русија Дмитриј Медведев за време на посетата на Белград го најави потпишувањето на договорот за слободна трговија на Србија и ЕАЕУ на 25 октомври во Москва, кој треба да биде потпишан од српската премиерка Ана Брнабиќ.
„Договорот со ЕАЕУ, во кој членуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, ќе ѝ даде на Србија пристап до пазар од 180 милиони потрошувачи“, изјави Медведев на прес-конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Претставник на ЕУ за EURACTIV кажа дека Србија може да склучува договори со други земји или организации пред да стане членка на ЕУ.
„Во контекст на пристапните преговори, Србија се обврза дека на денот на пристапувањето во ЕУ ќе се повлече од сите билатерални трговски договори. Повлекувањето на Србија од договорот за слободна трговија со трети страни не е нов услов, туку општо правило кое важи за сите земји-кандидатки кои сакаат да влезат во ЕУ“, рече Коцијанчич.
Таа додаде дека ЕУ е најважниот трговски партнер на Србија затоа што меѓусебната трговија учествува со 63 отсто од вкупната трговија на Србија, со многу добра динамика на раст.
„Трговијата со Русија е помалку од 10 проценти од вкупната надворешно-трговска размена на Србија. Покрај тоа, европските инвестиции во Србија се повеќе од 10 пати поголеми од руските“, кажа портпаролката на Европската комисија.