Хроника

Еко-активисти добија прекршочна пријава за цртање графити

22. февруари 2020 - 13:53 | А.С.

Полицијата поднесе прекршочна пријава против еко-активисти кои испишувале графити на Министерството за економија. Од движењето Fridays For Future Skopje, чии активисти учествувале во акцијата, велат дека нивната акција имала цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени.

Вчера во 17:10 часот на ул.„Филип Втори Македонски“ во Скопје поточно во Министерство за Екологија, Е.Д.(26) од Неготино,С.Ц.(22) од Битола, И.Б.(34) од Скопје, Ј.Н.(19) од Скопје, како и една 16-годишна малолетничка од Скопје го нарушиле јавниот ред и мир по чл.27 од ЗППЈРМ со испишување на графити во вид на дланки од раце на прозорците на Министерството за Екологија и натпис на плочникот пред прозорците со цел покренување акција за Еколошка свест.

Сочинети се пет записници за констатиран прекршок против лицата.

При реализирање на нашата протестна акција, обезбедувањето на Министерството за животна средина донесе арбитрарна одлука да нѐ задржи и да повика полиција, создавајќи непотребна тензија околу обичен креативен перформанс.

Здружението Fridays For Future Skopje реагираше преку социјалните мрежи.

„Нашата акција имаше цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени не само кај јавноста туку и внатре во институцијата за животна средина. Наместо тоа се соочивме со нечовечки пристап кој само ја потврдува вистинитоста на пораката што сакавме да ја пренесеме. Поради една безопасна герила акција која укажуваше на индолентноста на властите околу проблемот со животната средина, нашите активисти беа предмет на вознемирување, заплашување и испрашување како да извршиле терористички, а не симболичен акт во интерес на општото добро.

Еколошкото движење во Македонија со години наназад протестира, а последнава година протестите се најмасовни досега. Сепак, власта нема слух за нас, чијашто мисија е еколошка правда во Македонија. Затоа и се одлучивме на ваков чекор кој безбедносните структури непотребно го ескалираа“, стои во објавата.

„Во целата оваа голгота денеска, по полициската демонстрација на моќ, на наше барање, Хелсиншкиот комитет дојде на лице место да ни понуди помош во остварувањето на нашите права. Благодарност до нив“, велат, меѓу другото, еко-активистите.

Коментирај