Авто новости

Еколошки само на хартија: Електричните возила прават повеќе штета од дизелашите

22. април 2019 - 12:41 | К.З.

Најголемата придобивка од електричните возила е во тоа што тие се далеку помалку штетни од оние со стандарден погон... Или само така ви беше кажано. Новото германско истражување тврди дека електричните автомобили предизвикуваат повеќе штета на климата отколку дизелашите или бензинците.

Научниците кои работеа на истражувањето велат дека електричните возила лажно ѝ „помагаат на климата“, односно дека се еколошки само на хартија.

Криштоф Бухал, професор по физика на Универзитетот во Келн, заедно со неговите колеги Ханс-Дитер Карл и Ханс-Вернер Син, состави извештај за Институтот за економски истражувања. Во него беше образложено како електричните возила ја загадуваат околината иако се претставени како „еколошка“ опција на пазарот.

Кога ќе се земе предвид емисијата на јаглерод диоксид при производството на батерии и необновливите методи што се користат за производство на електрична енергија во Германија, електричните автомобили ја оптеретуваат климата за 11% до 28% повеќе од дизел автомобилите, се наведува во истражувањето.

Батеријата за Tesla Model 3 произведува од 11 до 15 тони јаглерод диоксид. Со животен век на батеријата од 10 години и капацитет за поминување преку 15.000 километри годишно, тоа би значело дека таа произведува 73 до 98 грама јаглерод диоксид секој километар. Земајќи ја предвид и емисијата на јаглерод диоксид која резултира од електричната мрежа, тогаш може да се заклучи дека Tesla емитира помеѓу 151 и 181 грам јаглерод диоксид по километар, што е значително повеќе од дизел моделите на Mercedes.

Производителите на автомобили имаат намера да ја осовременат нивната понуда со електрични автомобили, но авторите на истражувањето велат дека многу подобри за климата би биле моторите со погон на метан, бидејќи тие имаат емисија на штетни гасови која е за една третина помала од онаа кај дизел возилата.

Коментирај