Косовската полиција со солзавец се обиде да ги растера Србите кои протестираат за да ги спречат градоначалниците Албанци, избрани на неодамнешните спорни избори, да преземат должност во градовите со мнозинско српско население во Северно Косово.

Градоначалниците беа избрани на локалните избори што косовските власти ги одржаа на 23 април во четири општини со мнозинско српско население, кои масовно ги бојкотираа изборите – учествуваа само околу 1.500 гласачи од околу 45.000 пријавени.
Пред општините во моментов нема инциденти, но ситуацијата е тензична, пренесува Спутник.
Како што јави дописникот на РТС, има повредени откако КФОР почнал да ги растерува Србите. Новинар од Танјуг јавува дека бил повреден кога шок бомба му паднала пред нозете. „Има болки во ногата и мало крварење и не му била укажана помош“, пренесува Танјуг.
Kosovo Online објави дека двајца Срби се ранети, од кои едниот потешко. Двајцата се префрлени во КБЦ Косовска Митровица.
Пред општинската зграда на Звечан, како и Зубин Поток и Лепосавиќ, има полициски сили на Косово и специјална полиција со шлемови и во целосна борбена опрема.
Помеѓу полицијата и граѓаните се припадници на КФОР во целосна борбена опрема, со штитови, шлемови, маски, панцири.
Во меѓувреме, во американската амбасада во Приштина се одржа средба со новите градоначалници од редовите на ДПК.