Авто новости

Електричниот Nissan Leaf може да помине преку 350 километри со едно полнење

9. јануари 2019 - 14:55 | К.З.

Долгоочекуваната помоќна верзија на Nissan Leaf конечно беше претставена вчера. Nissan вети дека ќе промовира „апдејтуван“ Leaf кој ќе биде способен да помине поголема километража со едно полнење, и го направи токму тоа на саемот Consumer Electronics Show.

Новата верзија е наречена Leaf e+ и е способна да помине 362 километри со едно полнење, што е подобрување за 40% во однос на основниот модел на Leaf од 2017 година.

Покрај тоа, новиот Leaf e+ ќе биде далеку помоќен од неговите претходници, но тоа значи дека ќе биде и нешто поскап. На пазарот во Азија ќе се појави веќе од овој месец, по цена од 38.300 евра, додека во Европа истиот ќе дојде некаде кон средината на 2019 година и ќе чини 51.900 евра. Nissan Leaf e+ ќе пристигне во САД есента, но засега не е објавено колку ќе чини.

Актуелниот Nissan Leaf ја доживеа премиерата во 2017 година и набрзо стана еден од најпопуларните електрично модели во светот. Неговата батерија од 40kWh може да помине околу 240 километри со едно полнење, но најголемата предност на овој модел во однос на останатите на пазарот е Nissan ProPilot технологијата, која му овозможува целосна автономија на возилото при возење на автопат и паркирање.

Новата верзија има нешто помоќна батерија од 62kWh, која ја продолжува автономијата за дополнителни 120 километри. И покрај тоа што батеријата е поголема, од Nissan велат дека ќе биде потребно исто време за да се наполни.

Nissan е задоволен со продажбата на нивните електрични модели и во иднина ќе продолжи да ги извезува на што поголем број пазари. Досега компанијата продаде повеќе од 400.000 возила откако оригиналниот модел на Leaf дебитираше во 2010 година.

Коментирај