Музика

Еминем го трола Трамп на кирилица

12. октомври 2017 - 13:56 | Кајгана

Во најновото видео на американскиот рапер Маршал Матерс, познат како Еминем, предмет на критика е претседателот Доналд Трамп.

Еминем со фристајл рап го искажува гневот кон актуелниот американски претседател Трамп, а поддршка во позадина му се неколку рапери, меѓу кои и Вестсајд Ган, музичар со порториканско потекло, кој е познат по хитот „The Almighty“ (Семоќниот).

Раперот бил импресиониран од фонтот на кирилицата и од минатата година тој и неговата екипа ги носат и продаваат маиците и дуксерите со испечатен дизајн „СЕМОЌНИОТ“.

„На мојата екипа ѝ дадов прекар СЕМОЌНИОТ и истражував малку и ми се допаѓа како изгледа на македонски, моќно и убаво“, одговорил раперот на прашањето зошто го избрал овој фонт, од фан на неговиот профил на Instagram.

Токму таков дуксер носат тој и уште еден член на неговата екипа, во видеото на Еминем во кое тие гостуваат за да му дадат поддршка во тролањето на Трамп.

Ваквата реакција на Еминем следеше откако претходно со недели го напаѓаше на социјалните мрежи поради испадите кои Трамп ги направи во разговорите за Северна Кореја, а посебно по посетата на Порторико, кој беше уништен од ураганот Марија.

Раперот се обрати и на неговите фанови кои се поддржувачи на Трамп, кажувајќи им „или си со мене, или со него“.

Коментирај