Ракомет

ЕП во ракомет: Хрватска и Шпанија за титулата

25. јануари 2020 - 8:53 | МИА

Стокхолм, 25 јануари 2020 (МИА) – Ракометарите на Хрватска во финалето во недела на Европското првенство во Стокхолм ќе играат против Шпанија, бранител на титулата освоена пред две години во Загреб. Шпанија во второто полуфинале синоќа ја совлада Словенија со 34-32 (20-15).

Шпанците за првпат се одвоија на три голови предност во 19. минута, и до полувремето имаа пет голови предност (20-15).

Во завршницата Словенците стигнаа до еден гол зад Шпанија, но со гол на Алекс Душебаев, Шпанија го запечати нивното второ последователно финале на Европското првенство, а вкупно – шесто.

Ангел Фернандез, Раул Ентрерирос и Душебаев, секој со шест погодоци, беа најзаслужни за победата на Шпанците.

Словенечките стрелци ги предводеше Јуре Доленец со седум голови, а шест постигна Блаж Јанц.

Хрватска ја победи Норвешка со 29-28 во првото полуфинале, но само по второто продолжение. Во главниот дел од мечот резултатот беше 23-23, а по првото продолжение беше 26-26, кога Домагој Дувњак реализираше од седум метри. Победата за Хрватска ја донесе Жељко Муса на четири секунди пред крајот на второто продолжение.

Мечот за третото место меѓу Норвешка и Словенија е 18:30 часот, а големото финале меѓу Хрватска и Шпанија е утре.

Коментирај