Иако есента најчесто ја поврзуваме со дождливо време, пожолтени листови, студ и ветер, сепак и костените се дел од овој периоди од годината. Колку пати ви се има случено кога ќе минете низ одредени места низ градот да ви замириса на печени костени?

Ќе ви ја откриеме тајната за совршено печени костени во домашни услови. Потребно е да купите костени, добро да ги прегледате, оштетените фрлете ги. Добриот плод ќе го препознаете по една метода – лесно притиснете го со врвовите на прстите, треба да биде благо мек.
Загрејте ја рерната на 220 степени Целзиусови. Врелата рерна е клучна за одвојување на кората.
За да се испечат рамномерно, важно е да ја пресечете кората, но внимателно. Направете тенка линија по средината на плодот – не предолга и длабока. Ставете ги костените во еден сад и добро измијте ги под вода.
Потоа ставете ги во тенџере со студена вода. Штом водата почне да врие извадете ги и ставете ги во плиток сад за печење. Ова брзо варење ќе создаде совршено опкружување за создавање пареа откако ќе ги ставите во врелата рерна.
Костените ставете ги со рамната страна надоле, пресечената нагоре. Печете околу 15-20 минути, во зависност од големината на костените. Откако ќе добиете совршено печени костени, извадете ги од рерна и замотајте ги во чиста кујнска крпа. Оставете да отстојат во крпата околу 15 минути.
Освен што може да ги јадете печени, од нив може да приготвите костен пире, разни намази и чорби.