Кошарка

Евробаскет: Србија е последниот полуфиналист (Видео)

14. септември 2017 - 8:18 | Макфакс

Србија ја комплетира полуфиналната четворка наЕвробаскетот, чија завршница се игра во Истанбул. Србите во четвртфиналето ја победија Италија со 83:67.

Србите одиграа беспрекорен меч против Италија, со исклучок на воведните четири минути, ја имаа контролата врз играта, во која максимално ги искористија своите предности.

Италија немаше решение за високите играчи на Србија (Марјановиќ, Кузмиќ) и за пик играта на противникот. Во одбраната Србите вршеа константен притисок врз топката и успеаја целосно да ги неутрализираат двајцата најдобри Италијанци, Белинели и Датоме.

Богдановиќ беше најефикасен кај Србија со 22 поени, а уште четворица негови соиграчи постигнаа двоцифрен број на поени. Белинели и Датоме ја предводеа Италија , но со лоши проценти на реализиција. Белинели постигна 18, а Датоме 15 поени.

Србија во полуфиналето, во петок од 20:30 часот, ќе игра против Русија од која загуби во групата со резултат 72:75. Ден претходно во истиот термин својот полуфинален дуел ќе го одиграат Словенија и Шпанија.

Коментирај