Скопје, 22 септември 2019 (МИА) – Масовно скокање со јаже, трка со велосипеди, ноќно искачување на Водно, кросфит активности и турнир во кошарка се само дел од активностите што се организираат во рамки на Европската недела на спортот, што од 23 до 30 септември ја огранизира Агенцијата за млади и спорт со цел поттикнување на младите повеќе да спортуваат и да се рекреираат.
Директорот на АМС Дарко Каевски, на отворањето на Европската недела на спортот, посочи дека настанот има за цел да се поттикнат младите повеќе да спортуваат и да ги практикуваат здравите начини на живот.
– Предвидени се многу активности и спортски настани. Има пет главни настани проследени со околу 50-тина настани што ги спроведуваат општините, кои ни се партнери во проектот. Очекувам дека ваквите настани ќе станат пракса и на општините и на сите спортски клубови и федерации, изјави Каевски.
Главна цел е да ги поттикнеме што е можно повеќе најмладите да спортуваат, зошто, како што нагласи Каевски, само така ќе успееме да имаме здрава нација со здрави навики за спорт.
Според Александра Дичевска, која е национален координарот на Неделата на спортот, сите активности се од рекреативен карактер и отворени за сите граѓани.
– На 23 септември од 18:00 часот на Кеј ги очекуваме сите граѓани со велосипед, тротинет или ролерки да дојдат и учествуваат во аматерска штафетна трка. На 24 септември на градскиот плоштад се организира турнир 3х3 во кошарка.
На 25 септември на градскиот плоштад се организира масовно скокање на јаже.
– Нема пријавување. Сакаме сите граѓани да дојдат до 18:30 часот. Имаме обезбедено околу 550 бесплатни јажиња за скокање, маици и вода. Бесплатно ќе ги поделиме и сите заедно ќе скокаме 45 минути. Потоа следува лотарија. Ќе има број на самите јажиња и извлекувањето ќе биде на крај, објасни Дичевска.
– На 26 и 30 септември 50 општини се вклучуваат со свои активности, како посета на првачиња и пријателски натпревари. Целта е од година во година сите 80 општини да ни се вклучат, истакна Дичевска.